СЕДИ ДОМА, ГЛЕДАЈ РАКОМЕТ: Проработе македонскиот вулкан во Ниш, Македонија првпат победи на Европските првенства! (ВИДЕО)

Во деновите кога коронавирусот се шири со брзина на светлината на Стариот континент, препораките од властите се најголемиот дел од времето да го поминувате дома и да избегнувате контакти со луѓе. Љубителите на ракометот во овие денови ќе ги потсетуваме на најинтересните натпревари на македонските екипи и репрезентации во изминатите години, како и на најинтересните средби од големите натпреварувања. Седете дома и уживајте во ракометните натпревари. За денеска го одбравме натпреварот oд групната фаза на ЕП 2012 година меѓу Чешка и Македонија, кој нашите ракометари го добија со 21-27 и обезбедија место во втората фаза на континенталниот собир. Стандардно најдобар стрелец беше Кире Лазаров со седум голови, додека Филип Миркуловски даде пет и беше меѓу клучните ракометари кога се кршеше резултатот во вториот дел, а голема беше поддршката во „Чаир“ во Ниш од многуте македонски навивачи. На оваа средба за Македонија настапија Борко Ристовски, Петар Ангелов, Стевче Алушовски, Дејан Манасков, Златко Мојсоски, Владимир Темелков, Бранко Ангеловски, Наумче Мојсовски, Филип Миркуловски, Филип Лазаров, Кирил Лазаров, Влатко Митков, Ацо Јоновски, Велко Маркоски, Стојанче Стоилов, а селектор беше Звонко Шундовски.