Сара Божинова е херој на Ѓорче Петров – Овче Поле СУ остана со празни раце

Во рамките од 19. коло од Женската лига, Ѓорче Петров забележа минимална победа против Овче Поле СУ со 27:26.

Ракометарките на Овче Поле СУ од самиот почеток беа во водство, а незадржлива на теренот беше Анчева која погодуваше од секоја позиција. Во текот на првиот дел, ракометарките од Свети Николе одржуваа позитива од три до четири гола разлика. Првото полувреме заврши со предност од 14:17 за екипата од Свети Николе.

Во вториот дел, Овче Поле СУ со серија од 2:0 стигна до водство од 14:19 и во периодот што следуваше, Ѓорчепетровки се консолидираа во своите редови и најавија интересна завршница.

Преку расположената Цветановска, Ѓорче Петров се врати во игра и намали на само еден гол негатива, 20:21. Велкова го израмни резултат на 21:21 и во последните петнаесетина минути, Овче Поле СУ стравуваше за своето водство.

Анчева повторно влезе во елемент и со неколку гола го одржуваше водството на својата екипа. Натпреварот влезе во драматичен финиш при резултат 26:26. Сара Божинова во 59. минута го постигна својот петти гол на натпреварот за 27:26, а тоа значеше и голема радост за избраничките на Владимир Радиќ бидејќи до крајот немаше промена на семафорот.

Најефикасна на натпреварот беше ракометарката на Овче Поле СУ, Марија Анчева со 16 гола. Во победничката екипа, Ангела Цветановска даде десет гола.