Санталов: Следев како се развива ситуацијата во Вардар со новото раководство, но…

Дмитри Санталов нема да се пресели во Вардар, откако потпиша договор на три години со белорускиот шампион Мешков Брест.

Иако рускиот репрезентативец имаше преддоговор со европскиот првак, сепак се реши на друг чекор во кариерата и ќе му стане соиграч на Сташ Скубе.

На прашањето зошто оди во Мешков Брест, а не во Вардар, Санталов не одговори конкретно.

„Мислам дека тоа прашање треба да им го поставите на раководствата на Вардар и Мешков Брест. Таму ќе ви кажат точно. Секако, јас следев како се развиваше ситуацијата во Вардар со смената на неговото раководство. Сфатив дека првобитната концепција на тимот може да се промени, а можев само да чекам“, вели Санталов за „Брз Центар“.

Покрај Мешков Брест, во игра за неговиот потпис биле и други клубови.

„Ми се јавија многу клубови. Покрај Вардар и Мешков Брест, имав понуди и од Бундес лигата и од Франција. Имаше варијанта да останам во Русија, бидејќи Чеховски Медведи ми понуди нов договор, а исто така и ЦСКА Москва. Но ако останев во Русија, тоа ќе беше само во мојот досегашен клуб“, заврши Санталов.

Вардар на левата бековска позиција ќе ги има Кристијан Дисингер и Филип Талески, но со оглед на нивната неконстантна форма, за очекување е раководството на тимот да донесе уште еден ракометар на оваа позиција.