Женската сениорска репрезентација на Македонија денеска ги започна подготовките за бараж двомечот со Украина за пласман на СП.
Селекторот Љубомир Савевски смета дека ривалот е репрезентација што игра квалитетен ракомет сите 60 минути.
„Немаме друг избор, се играат само два меча, најтешки се баражите. Украина беше една од посакуваните пред ждрепката, но можевме да минеме и потешко. Тоа е ривал кој во минатото имаше одлични резултати, имаа големи играчи, неколку години не се на големата сцена. Не чека ривал што знае што сака, кој е доволно искусен, и во сите натпревари што ги ледавме видовме дека играат еден добар школски и квалитетен ракомет од почеток до крај“, вели Савевски.
Според селекторот во денешно време не е важно каде се игра првиот меч, а каде реваншот.
„Не можеме да кажеме дали е предност што играме прво дома. Некогаш ќе имаш добар ден, ќе победиш со голема разлика на првиот меч и после е полесно. Но како што гледаме и во светски рамки и во ЛШ, има квалитетни екипи што добиваат седум-осум, па ќе изгубат десет во реваншот. Мојата подготовка со ракометарките е дека играме 120 минути, дека нема размислување дали се игра дома или гости, мора да се одигра 60 минути на еден и 60 минути на втор натпревар“, продолжува Савевски.
Тој се надева дека ќе може да ја распореди минутажата кај повеќе ракометарки за тимот да има свежина во текот на целиот меч.
„Во анализите од претходното ЕП, немајќи ростер, некои играчи играат подолго време и неминовно е да се прават грешки. Во овој период имавме 14 тренинзи со македонските репрезентативки од Женската лига, и сакаме да извлечеме од таму барем неколку што ќе може да ги заменат интернационалките. Ако успееме да го направиме тоа, а јас сум сигурне дека можеме, тогаш ќе имаме успех“, заврши Савевски.
Првиот натпревар меѓу Македонија и Украина се игра на 8 април во Скопје во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 19:00 часот, а реваншот е во Кишварда на 11 април од 17:00 часот.