Руската репрезентација е минато за Дибиров, во иднина ќе мисли само на Вардар!

Левото крило на Вардар, Тимур Дибиров, во иднина веројатно нема да го носи дресот на руската репрезентација.

Тој за реномираниот портал „Брз Центар“ откри дека не бил на последниот список за репрезентативниот собир што требаше да се одржи во април, но беше откажан.

„Ракометарите што ќе играат од есен за националниот тим се веќе познати. Пред собирот, што беше откажан во април, федерацијата испрати повици до клубовите на играчите, но за мене немаше повик. Сега ќе бидам еден од најверните навивачи на руската репрезентација. Посакувам да добиеме вајлд-карта за Мундијалот во Египет. На тимот му треба промена, иако ми е жал што нема да играм после 15 години. Но секогаш ќе бидам крај момците, со убав збор и совет да им помогнам ако треба“, вели Дибиров.

Русија, како и Македонија, чека дали ќе добие вајлд-карта за СП во Египет, а следна обврска се квалификациите за место на ЕП 2022 година.