Ракометарите на Вардар се старо-нови освојувачи на трофејот во Купот на Македонија, откако во драматичен натпревар го совладаа составот на Еурофарм Пелистер со 23-22, иако во поголем дел од мечот беа во негатива.
Стрелец на победничкиот гол беше Филип Талески, додека солидна партија меѓу стативите имаше голманот Мартин Томовски со 12 интервенции. Неговиот колега, Борко Ристовски во дуелот со „фармацевтите“ во неколку наврати влегуваше само за пеналите.
Ристовски за Томовски имаше позитивни комплименти и смета дека младиот член на „црвено-црните“ прераснува во еден врвен светски голман.
„Клучниот момент за победата беше нашата трпеливост и тоа што Вардар секогаш го имал, а тоа е играта до последната минута. Морам да истакнам дека клучни беа и неколку одбрани на Томовски при самиот крај и можам да кажам дека на мое големо задоволство прераснува во еден светски голман. Вардар добива едно големо голманско име и мило ми е поради него. Немаше многу филозофија, ние не се откажувавме до последната минута и на крај победивме“, изјави Ристовски.
Следен предизвик за Вардар ќе бидат последните два натпревари во Суперлигата, против Бутел и Тиквеш. Тука се очекува ракометарите на Давид Дејвис рутински да ја завршат работата и да ја одбранат дуплата круна.
„Што се однесува за титулата во Суперлигата, тука 90% од работата е завршена, сепак, треба да бидеме претпазливи и да не дозволиме да се опуштиме во овие два последни натпревари, без разлика што ќе играме со послаби противници, иако, не потценуваме никого. Кога сѐ ќе се собере на крај, Вардар ги оствари своите цели, можеби можевме да имаме уште некоја победа на домашен терен во Лигата на шампионите, но со сите турбуленции кои ги имаше клубот минатата и оваа сезона, сметам дека Вардар полека ќе се стабилизира и ќе се обидеме да го вратиме клубот на старите патеки“, заврши Ристовски.
ДРАМА во Кавадарци: Вардар со херојски пресврт ги реши битолчани и го грабна трофејот во Купот!