Репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска заедно со екипата на ЦСКА Москва се радуваа на најубедливата гостинска победа во шампионатот на Русија, откако славеа на гостувањето кај Луч со 42:17.
Ракометарките на ЦСКА Москва победата ја обезбедија уште во првите 30 минути кога на пауза заминаа со предност од 17:7, додека вториот дел беше само полесен тренинг за избраничките на Олга Акопјан.
Ристовска иако одигра само 32 минути, сепак, беше најефикасна во победничката екипа, постигна пет погодоци од шест обиди.
ЦСКА Москва, моментално, е лидер во шампионатот на Русија, има 24 бода на свое конто, додека второпласираната Лада Тољати и третопласираниот Ростов Дон имаат четири бода помалку (20).
Екипата на ЦСКА Москва во следното коло ќе го пречека незгодниот тим на Звезда од Звенигород.
Првиот одигран натпревар сезонава меѓу двете екипи заврши со минимална победа на московската екипа од 31:29.