Ристовска и ЦСКА Москва го декласираа Ростов Дон со 22 гола разлика

Екипата на ЦСКА Москва, во која настапува репрезентативката на Македонија, Сара Ристовска, славеше на гостувањето кај Ростов Дон со убедлив резултат од 39:17 во натпревар од 14. коло во рускиот шампионат.

ЦСКА Москва на овој натпревар забележа убедлива победа бидејќи Ростов Дон настапи со својот втор тим откако во првиот состав четири ракометарки имаа позитивен тест на коронавирус, плус еден член од стручниот штаб на екипата.

И покрај барањата на раководството на Ростов Дон да се одложи натпреварот, сепак, ракометниот сојуз на Русија реши натпреварот да се одигра во предвиденото време.

Московската екипа немаше никакви проблеми да дојде до победа и со новите освоени бодови го презеде лидерското место во Групата А. Во моментов, ЦСКА Москва има 24 бодови, а директниот конкурент за првото место, Ростов Дон има 22.

Ристовска во минутите минати на терен успеа да постигне два погодоци. Најефикасна во ЦСКА Москва беше Јулија Маркова со десет погодоци, додека по пет постигнаа Карина Сабирова и Антонина Скоробогатченко.