Екипата на Јарослав од Полска, која е противник на Ѓорче Петров во осминафиналето од Европскиот Куп, пред двомечот со македонскиот шампион ги засили своите редови.
Полскиот тим официјално ја промовираше ракометарката од Бразил, Моника Бансилон. Бразилката игра на позиција лев бек и сигурно ќе претставува голема закана за избраничките на Симе Симовски.
Бансилон во својата кариера има настапувано за нејзиниот старо-нов клуб. Токму од Јарослав во текот на 2020 година се пресели во редовите на хрватскиот вицепрвак Подравка, но по краткиот престој во Копривница одлучи својата кариера да ја продолжи во Израел, поточно во екипата на Хапоел Ришон Ле Зион.
Искусната ракометарка настапуваше и за екипите на Брет Бретањ и Бензансон од Франција, полскиот суперлигаш Погон Шчечин и бразилскиот Сао Бернардо.
Раководствата на Ѓорче Петров и Јарослав се договорија двата натпревари од Европскиот Куп да се играат во Скопје, во салата „Автокоманда“.
Првиот, на кој полскиот клуб ќе биде формално домаќин е на програмата на 13 јануари од 18:00 часот, додека реваншот е утредента исто така од 18:00 часот.