Кадетен го „прегази“ Гог, Часар им го наполни голот

Екипата на Кадетен Шафхаузен имаше одличен настап на домашен терен во 6. коло од Лигата на шампионите против Гог на кој му нанесе катастрофален пораз од 40:28. На овој натпревар правдата ја делеа македонските судии Димитар Митревски и Благојче Тодоровски.

Гостите добро го започнаа натпреварот и имаа предност до 10. минута, но во продолжението на натпреварот на теренот постоеше само една екипа. Кадетен Шафхаузен го диктираше темпото и веќе до полувремето имаше убедлива предност од 18:11.

И во продолжението на дуелот сè беше на страна на составот од Швајцарија. Разликата постојано растеше, а ракометарите на Гог беа немоќни да го спречат тоа. До крајот Шафхаузен стигна до висока победа од 12 гола.

Неверојатно постигнување за еден меч од Лигата на шампиони имаше Габор Часар кој постигна 16 гола и беше најзаслужен за триумфот на својот тим. Зад него беше Фримел со седум погодоци. Добро издание на голот имаше Пилиповиќ со 14 иинтервенции. Во екипата на Гог, најмногу се истакна Матијас Гидсел со шест гола.