Раководството на Ракометната федерација на Црна Гора одлучи нов селектор на женската репрезентација да биде Бојана Поповиќ.
Иако тренерот од Данска, Ким Расмусен ја предводеше Црна Гора во квалификациските натпревари за настап на Олимписките игри и успешно ја однесе репрезентацијата во Токио, сепак федерацијата одлучи да му се заблагодари за неговите услуги и како нов селектор ја постави некогашната црногорска репрезентативка, Бојана Поповиќ.
Ким Расмусен за данската телевизија „ТВ 2“ изјави дека воопшто не бил изненаден од неочекуваната одлука, но истакна дека негова најголема желба била да почувствува како е да се биде дел од Олимписките игри
„Ништо во ракометот веќе не може да ме изненади, така што не би трошел зборови за селекторската смена. Секако, посакував да ги почувствувам Олимписките игри, тоа го посакува секој кој се занимава со било каков спорт. Но, нема тоа да се случи и нема да трошам повеќе енергија на тоа. На крајот ситуацијата не е толку драматична бидејќи имав краткорочен договор со федерацијата на Црна Гора. Бев поставен како селектор пред Европското првенство и имав успешно претставување со тимот”, изјави Расмусен.
За Бојана Поповиќ како негов поранешен асистент немаше лоши зборови и додаде дека одлуката е само на црногорската федерација, а Поповиќ е легенда за црногорскиот ракомет.
„Поповиќ е од Црна Гора, таа е спортска хероина во нејзината држава. Тие одлучија да биде така и тука нема што да се прави. Јас сум задоволен од прикажаната игра, помогнав да се пласираат на Олимписките игри, да ја победат и Норвешка, тоа не се случувало баш често некој да ги победи нив, посебно во такви важни натпревари”, заврши Расмусен.