Организаторот на Олимписките игри во Токио донесе одлука ракометните натпревари да се играат со публика, но со ограничена посетеност.
Ќе биде дозволено на трибините да присуствуваат максимум 6.645 навивачи. Бројот на гледачи може да се ревидира, но не е исклучена опцијата натпреварите да се играат и без публика доколку пред почетокот на Олимписките игри се воведе вонреден режим или дополнителни мерки за борба против ковид-19.
Ваквата одлука беше донесена по средбите на шефот на организацискиот одбор на Олимписките игри, Сеико Хашимото, со Меѓународниот олимписки комитет (МОК), Меѓународниот параолимписки комитет (МПК) и јапонската влада.
„Дојдовме до следниот договор: според утврдените граници на јапонската влада, бројот на посетители ќе биде во рамките на 50%, но не повеќе од 10.000 посетители. Ако по 12 јули, се воведе итен режим или режим на засилени мерки за борба против ковид-19, прашањето за гледачите ќе се ревидира, вклучително и одржувањето на Олимписките игри без публика”, изјави Сеико Хашимото.
Олимписките игри во Токио започнуваат на 23 јули. Повеќе од 10.000 спортисти ќе присуствуваат на најголемата спортска манифестација.