Ракометарите на Франција, Шпанија, Данска и Шведска нема да мораат во карантин по враќањето од Египет

Коронавирусот повторно ги комплицира работите ширум Европа, а секако тоа влијае и на ракометот. Според најновите протоколи границите на Европската унија се затворени за сите кои пристигнуваат од останатите земји што би можело да направи дополнителни проблеми.

Секој кој ќе влезе во земјите од ЕУ ќе мора да помине определен број денови во карантин, а во повеќето земји тоа се седум дена. Ова би можело да претставува проблем за ракометарите кои сè уште се во Египет и од денеска би требало да се вратат во своите земји.

Сепак како што објави handnews.fr ова правило ќе важи за сите освен во посебни случаи. Таков посебен случај се ракометарите на Франција, Данска, Шпанија и Шведска кои нема да мораат во карантин бидејќи тие редовно се тестираат на Светското првенство.

Ова е одлична вест и за ракометарите и за нивните клубови, бидејќи веднаш по враќањето од Светското првенство тие би можеле да се приклучат на своите тимови без да бидат во карантин. Пред се е многу важно за клубовите кои играат во Лигата на шампионите кои многу наскоро би требало да продолжат со натпревари.