Новата екипа во Супер женската лига, Шампион се избори за победа на стартот од сезоната. Единствениот дебитант триумфираше во Свети Николе, кај тимот на Овче Поле СУ со 27:23.
Ракометарките од Скопје поведоа уште на стартот со 5:0 и овие пет гола беа доволен поттик во првото полувреме да се има постојана контрола на играта. Домашните намалија на 4:6, но немаа сили за повеќе, па до крајот на првиот дел разликата одново се движеше од три до пет гола.
Во вториот дел од средбата гостинките имаа постојана контрла и на моменти стигнаа и до плус седум гола разлика така што во ниту еден момент немаше проблеми околу победата. До крајот беше само прашање колку ќе биде разликата, која остана четири гола како и на полувремето кога беше 13:9 во корист на гостинките.
Симона Димитриевска и Нина Неделковска со по шест гола беа најефикасните во победничкиот состав, додека кај домашните Елена Вучевска со седум и Наталија Манева шест ги предводеа стрелците.