Ракометарите на Скопје ја забележаа втората победа во разигрувањето за опстанок во суперлигашкото друштво. По триуфот над Струга, избраниците на Горан Кузманоски, на домашен терен го совладаа и Прилеп 24-22. Голманот на домашните Никола Радовановиќ запре 16 удари, од кои десетина во првиот, па неговите соиграчи направија добра залиха во првиот дел, а во вториот поведоа и со плус седум. Прилепчани имаа добри моменти, на крајот стигнаа да намалат и на минус два, но немаше време за нешто повеќе.
Гостите отворија со предност од 4-2, но домашните предводени од голманот Радовановиќ го свртеа резултатот во своја корист и направија пресврт 6-4. Прилепчани преку брзиот Гамзардија намалија нна 6-5, но потоа колата тргна низ удолница.
Нападот немаше премногу идеја, па Скопје веќе беше на плус четири, 9-5 по петнаесетина минути игра. Голманот на Прилеп, Ангелески исто така беше солиден па тој беше причина што домашните не се одлепија уште повеќе.
Беше 11-8, а по неколку промашувања и исклучувања на двете страни, Скопје стигна до највисоки плус пет, 13-8. За да не биде се така црно за прилепчани, се погрижи Бикоски, кој од пенал ги постави конечните 13-9 на полувреме, резултат со кој се замина на пауза.
Набрзина на стартот на второто полувреме Скопје дојде до плус седум, 18-11. Прилепчани намалија во неколку наврати на минус пет, во последните неколку минути се обидоа и со пресинг играа да парираат, запреа неколку напади на домаќините и на крајот се изборија за чесен пораз од само два гола разлика, 24-22. За нешто повеќе од тоа немаше време.
Сега Скопје е осамен на врвот со 8 бода, а Прилеп останува на 5 бодови. Во следното, трето коло од плеј-аут, Скопје ќе игра на гостински терен кај Вардар Неготино, а прилепчани ќе ја пречекаат Струга.