Словенечкиот шампион Крим Меркатор во последното, 14. коло од групната фаза во Лигата на шампионите успеа да триумфира против ЧСМ Букурешт со 28:26 и обезбеди пласман во осминафиналето од најквалитетното европско натпреварување.
Крим во победата против европскиот шампион од 2016 година беше предводен од двете екс ракометарки на Вардар, Јованка Радичевиќ и Барбара Лазовиќ, како и од Сања Радосављевиќ и Тјаша Станко.
Избраничките на Драган Аџиќ мораа да триумфираат во денешниот дуел, бидејќи доколку изгубија, или одиграа реми, тогаш немаше да обезбедат пласман во осминафиналето, каде што сега ќе имаат шанса да се борат за влез во четвртфиналето.
Најефикасни во Крим со по седум погодоци беа Јованка Радичевиќ и Тјаша Станко, шест реализации имаше Сања Радосављевиќ, додека Барбара Лазовиќ пет пати се запиша во листата на стрелци. Кај ЧСМ Букурешт листата на стрелци беше предводена од Кристина Неагу, која постигна шест погодоци.
И покрај тоа што Крим, Битигхјам и Брест Бретањ сега имаат по 12 бода на свое конто, словенечкиот шампион поради подобрата меѓусебна гол разлика заврши на 5. позиција, француски Брест групната фаза ја заврши на 6. позиција, додека Битигхјам, кој имаше одлиечн старт во Лигата на шампионите, сепак, не обезбеди пласман во следната фаза.
Во осминафиналето, тимот на Крим за противник го доби Рапид Букурешт, Есбјерг ќе игра против Брест Бретањ, додека црногорскиот шампион Будуќност во осминафиналето ќе се соочи со ФТЦ. Во скандинавскиот двобој во осминафиналето ќе се сретнаат Есбјерг и Сторхамар.