ПСЖ на чекор да ангажира уште еден холандски плејмејкер

Најбогатиот европски клуб, тимот на ПСЖ, моментално е во преговори со бундеслигашот Хамбург за ангажирање на холандскиот репрезентативец, средниот бек Дани Бајенс, пренесува „RTH Handball“.

Средниот бек од минатата сезона е член на Хамбург, додека претходно беше дел од екипите на Вестфален, Лемго и Фленсбург. Бајенс има актуелен договор со Хамбург до следната сезона, односно до јуни, 2024 година.

ПСЖ и 25-годишниот ракометар доколку постигнат заеднички договор, тогаш во тимот на „светците“ ќе има два холандски плејмејкери.

Освен Бајенс, тука ќе биде и прославениот Лук Стеинс, кој од сезона 2019/20 настапува за клубот од француската престолнина.

Раководството на ПСЖ следната сезона нема да може да смета на Никола Карабатиќ. Како што е веќе познато, еден од најдобрите светски ракометари најави крај на својата кариера.

Токму заминувањето на Карабатиќ ги отвора вратите за Бајенс, бидејќи големата француска надеж Џоан Гибелин најверојатно нема да го продолжи претстојот во ПСЖ, па така Раул Гонзалез би можел на позицијата среден бек да ги има Стеинс и Бајенс.