Ракометарите на ПСЖ откако триумфираа против Монпелје, со резултат 37:33, ја прославија осмата титула по ред во домашниот шампионат бидејќи на пет кола до крајот имаат убедлива предност пред своите конкуренти.
ПСЖ во својата клупска историја има вкупно девет титули од националниот шампионат и пет освоени титули во Купот на Франција. Клубот од Париз во оваа сезона е единствената екипа без пораз во домашниот шампионат.
Доколку избраниците на Раул Гонзалез дојдат и до годинешната титула во Купот, тогаш на најдобар можен начин ќе ја затворат сезоната на домашна сцена и ќе ја одбранат двојната круна.
Ракометарите на ПСЖ ќе се обидат да ја освојат и титулата во Лигата на шампионите. Токму оваа титула им недостасува на „светците“, кои во сезона 2016/17 во финалето од Лигата на шампионите беа поразени од Вардар. Во четвртфиналето од ЛШ, ПСЖ ќе игра против Кил.