Ракометарите на Пролет освоија нови три бода откако денеска во заостанатиот натпревар против составот на Јуниор Кисела вода стигнаа до триумф од 34:20.
Со целосна контрола на играта и на резултатот ракометарите на Пролет беа во постојана предност. Имаа подобра игра која траеше од почетокот така што во ниту еден момент не беше поставено прашањето кој ќе слави на овој дуел.
После неколку минути надигрување во кои и едниот и другиот тим имаа свои моменти и водство следуваше преземање на водството од Пролет и постојано зголемување. Разликата се зголемуваше, а гостите не можеа да следат.
Подобрата игра на Пролет резултираше со водство од седум гола разлика на паузата од 17:10 така што тука веќе беше решено прашањето за победникот.
Вториот дел беше само формалност и во него требаше да се доработи почнатата задача. Предноста се зголемуваше од минута во минута и лесно се стигна до двоцифрена разлика која достигна и до 12 гола, 24:12.
Од овој момент до крајот можеше да се одигра мирно и да се чува високото водство, а истото беше и зголемено до 34:20. Пролет знаеше како до нови бодови, а тоа беа практично и последните за есенскиот дел од сезоната. За ракометарите на Јуниор Кисела вода има уште една шанса в недела, кога ќе го одиграат последниот натпревар против екипата на Струга.