Пролет доби големо засилување, Диви ќе биде на голот година и пол

Екипата на Пролет 62 која после 14. кола се наоѓа на 4. место во Супер машката лига доби големо засилување за голот за продолжението од сезоната, а таму ќе се најде искусниот Петар Ангелов.

Поранешниот репрезентативец на Македонија се враќа назад после настапите во Германија каде беше дел од тимот на Ратинген. За него беа заинтересирани повеќе клубови, но на крајот одлуката падна за Пролет со кој веќе потпиша договор на година и пол.

Со ангажирањето на Ангелов, Пролет добива на искуство. Популарниот „Диви“ и понатаму е во форма и сигурно ќе придонесе многу за уште повисок квалитет во играта на Пролет. Тој пред две години беше дел од Вардар, а потоа се пресели во Анталија во Турција, па во Кремс во Австрија, а оттаму замина во Ратинген.

Потпишувањето на договорот за Пролет значи негово враќање на домашна сцена со што и Супер лигата добива големо име на македонскиот ракомет.