На листата на поскаувани и контактирани тренери беа Гино Стрезовски, Стојан Петрушевски, Радослав Стојановиќ, Горан Кузмановски, но на клупата на Пролет ќе седне „домашно име“
Скопскиот клуб два месеци разговараше и преговараше со неколкумина различни тренери, но по се изгледа решението ќе биде – од домашните редови. Досегашниот „привремен тренер“ Алексо Лембанов ќе ја добие довербата на управата и ќе ја продолжи работата почната лани кога го презеде кормилото по заминувањето на Андон Бошковски.
Лембанов ја презеде екипата на крајот од минатата година, и ја предводеше и во плеј-аутот каде Пролет немаше никакви проблеми да обезбеди опстанок. Желба на клубот беше да се донесе тренер кој ќе работи на повисоко ниво, а Лембанов ќе има шанса уште повеќе да учи и напредува.
Првично преддоговор беше постигнат со Гино Стрезовски, но клубот преговараше и со неколку други тренери. На муабет беа поканети и Стојан Петрушевски, Радослав Стојановиќ, а претходно контакти имало и со Горан Кузманоски. На крај се пресекло со решение: на нивниот млад тренер Лембанов треба да му се даде шанса, да продолжи да работи со цел да напредува и тој и клубот.
На 3 август Пролет ќе ги почне подготовките за новата сезона, а најзвучното име што досега го донесе клубот е Томислав Јагуриновски. Тој изненадувачки се врати од Исланд, и покрај понудите од неколку клуба, меѓу кои и Вардар, Еурофарм Пелистер и Алкалоид реши да одигра една сезона со „лабав договор“ со Пролет.
Клубот се засили и со црногорскиот голман Данило Михајлевиќ и левиот бек Александар Василевски, а договорите ги продолжија десното крило Мартин Димов, левото крило Давор Палевски, левито бек Дејан Пецаковски и средниот бек Ласко Андоновски.
Тимот од Скопје следната сезона ќе игра во група заедно со Еурофарм Пелистер, Голден Арт, Еурофарм Пелистер 2, Радовиш, Скопје, Тиквеш и Јуниор КВ, а во првото коло е градското дерби со Голден Арт.