Проклетството е симнато: Еурофарм Работник го сруши големиот Веспрем

Екипата на Еурофарм Работник продолжи со перфектната игра во СЕХА-лигата и веќе има три победи на три средби, а денеска во Битола го сруши тимот на Веспрем победувајќи го со 26:24.

Еурофарм Работник тргна одлично во средбата. Никола Митревски беше лидерот во играта на битолчани, кој почна со четири интервенции, а потоа продолжи во ист стил.

Добрата игра донесе 10:5 после 20 минути игра што секако беше одлично за ракометарите на Еурофарм Работник, кои знаеја што сакаат во првите 30 минути и постојано беа во одличен резултат. Предноста од петте гола со добра игра во одбрана и ефикасност во нападот беше и зголемена, па на одмор се замина со 14:8.

Второто полувреме почна во ист стил како и сите дуели досега во Лигата на шампионите. Веспрем почна да ја топи негативата. Иако за разлика од тимовите во ЛШ му беа потребни 18 минути за да израмни на 19:19, сепак, успеа да го направи тоа.

Сепак, овој пат Еурофарм Работник покажа борбеност. Сите одеа на максимум за секоја топка. Веднаш зголемија на 21:19, а потоа кога Веспрем намали и можеше да тргне во напад за израмнување имаше битка за секоја топка и се правеше сè да се освои секоја топка.На три минути до крајот беше обезбеден резултат 25:22 и овде веќе се подготвуваше сè за голем резултат на Еурофарм Работник.

Веспрем успеа со два пенали да намали на еден гол разлика откако меѓу двата напади домашните загубија топка. Сепак, Стјепановиќ погоди за 26:24, а потоа гостите направија прекршок во напад по што победата и трите бода останаа во Битола, а Еурофарм Работник го симна проклетството кое важеше во последниот период после водство во првиот дел да ги губат натпреварите.

ЕУРОФАРМ РАБОТНИК – ВЕСПРЕМ      26:24 (14:8)

Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола. Гледачи: 3000. Судии: Далибор Јуриновиќ и Марко Мрвица од Хрватска. Делегат: Синиша Рудиќ од Хрватска.

ЕУРОФАРМ РАБОТНИК: Митревски (11 одб., 1 сед.), Трајкоски (1 одб.), Ојлески 1/1, Маџовски 1/2, Чурлевски, Стјепановиќ 5/12, Радовиќ 1/1, Шевелев 0/2, Јотиќ 8/11, Вегар 2/5, Кукоски, Велковски, Остроушко 4/8, Граџан 4/4, Ѓукиќ, Кузманоски.

Седмерци: 4/5, Исклучувања:

ВЕСПРЕМ: Цупара (10 одб., 1 сед.), Мартон, Манасков 3/4, Омар 2/3, Мораеш 0/1, Тонесен 2/5, Гајиќ 9/10, Нилсон 3/4, Маргуч, Лауге Шмит 2/4, Штрлек, Терзиќ, Благотиншек, Мае 0/2, Мацковшек 1/2, Лекаи 2/4.

Седмерци: 5/6, Исклучувања: 6 мин.