Продолжуваат возбудувањата во елитата – Алкалоид ќе го предизвика Вардар, Бутел на гости во Охрид

Овој викенд ќе се одигра 7. коло од плеј-оф/аут фазата во македонската елита.

Дербито на колото ќе биде во Автокоманда каде амбициозниот тим на Алкалоид ќе го предизвика актуелниот шампион на Македонија, Вардар.

Избраниците на Владо Недановски остануваат на 100% учинок, додека новиот суперлигаш на шест одиграни натпревари во разигрувањето за титулата оствари четири победи.

Интересен дуел се очекува меѓу Пролет и Еурофарм Пелистер 2 во спортската сала „Македонско Сонце“. Овие две екипи последен пат се сретнаа во четвртфиналето од Купот на Македонија и тимот на Лембанов со триумфот против битолскиот тим обезбеди учество на Ф4 завршницата од Купот.

На 2 април во Охрид кај истоимената екипа ќе гостува Бутел, додека на истиот датум Еурофарм Пелистер ќе гостува во Кавадарци кај тимот на Тиквеш.

Во борбата за опстанок, тимот на Голден Арт силите ќе ги одмери со Прилеп. Двете екипи во претходното коло славеа против Скопје, односно Радовиш.

Куманово за поразот од Прилеп ќе бара рехабилитација во дуелот со незгодниот тим на Вардар Неготино.

Екипата на Скопје, која во последното коло беше поразена од Голден Арт, за ривал го има ,,фенерџијата” Радовиш.

Дерби пресметка во борбата за опстанок ќе се одигра и во Кисела Вода каде Јуниор КВ ќе се соочи со Струга.

Суперлига, 7 коло, плеј-оф-аут, распоред:

01/04, 12:30 Голден Арт – Прилеп

01/04, 18:00 Радовиш – Скопје

01/04, 19:00 Пролет – Еурофарм Пелистер 2

01/04, 20:00 Алкалоид – Вардар

02/04, 18:30 Охрид – Бутел 

02/04, 18:30 Куманово – Вардар Неготино

02/04, 18:30 Јуниор КВ – Струга

02/04, 19:00 Тиквеш – Еурофарм Пелистер