„Предложив стратегија за спас на националните селекции, но некој има други приоритети“

Последните резултати на репрезентациите на Романија во машка и женска конкуренција можеби навестуваат криза во националните селекции. Мажите загубија од Косово, додека женската репрезентација не успеа да обезбеди Олимиски игри.

Поранешниот селектор на Романија во женска конкуренција Георге Тадичи на состанокот на управниот одбор на федерацијата уште еднаш ја предложи својата идеја за ограничување на бројот на странци во домашните клубови.

Тадичи предложи две опции од кои би требало да се бира. Првата е на еден натпревар да има најмногу пет странски играчи во составот, а на теренот постојано да има најмалку три домашни играчи или втората опција, да има осум странски играчи во записникот со тоа што три или четири романски играчи секогаш да бидат на теренот.

„Предложив план и стратегија за националните тимови на Романија. Треба да ја разгледаме заштитата на националниот тим и заштита на народните пари кои се трошат за  безброј странски играчи. Беше ставено на гласање, но не беше време да се дискутира за тоа. Предложив да се ограничи бројот на странски играчи во составот и на теренот и сметам дека нема дискриминација, предложив решение кое е апсолутно логично и нормално, но веројатно има други приоритети за некои од членовите на управниот одбор и тие не беа на иста бранова должина“, изјави Георге Тадичи за романските медиуми.

Предлогот на гласањето доби три гласа „за“ и 14 „против“ со заклучок дека не е соодветно на тој состанок да се дебатира за ограничување на странски играчи.