Поранешниот ракометар на Вардар, Тимур Дибиров, кој ја игра првата сезона во дресот на Загреб, беше избран во идеалниот тим на 3. коло во Лигата на шампионите како најдобро лево крило.
Дибиров со десет погодоци ги водеше „плинарите“ до победа против Порто. Русинот погодуваше најмногу кога требаше и во моментите кога се кршеше резултатот беше непогрешлив.
Освоената победа против Порто беше прва за Загреб во новата натпреварувачка сезона во најквалитетното европско натпреварување и сигурно ќе претставува мотив плус за избраниците на Ивица Обрван за понатамошниот тек од сезоната.
Во идеалниот тим на 3. коло во Лигата на шампионите беа избрани и Андреас Волф, Касем Авад, Никлас Екберг, Расмус Лауге, Лук Стеинс, Дика Мем и Хенрик Тофт Хансен.