По седум години во „црвено-црното“ семејство – Ристова заминува од Вардар!

Стратегот на ЖРК Вардар, Драгана Ристова, по крајот на оваа сезона, заминува од клупата на тимот.

Некогашната македонска репрезентативка и членка на Скопје, Еуростандард ЃП, Кометал ЃП, Металург, Будуќност и Вардар, која со младиот тим на Вардар направи голем успех, ќе има нов предизвик во кариерата.

По завршувањето на играчката кариера во 2014 година, Ристова започна тренерска кариера, и преку младинските категории стигна до тренерското место во првата екипа.

Со Вардар секогаш беше кандидат за врвот во Женската лига, а да не беа неколку порази на домашен терен, тимот на Ристова ќе се вмешаше и во борбата за титулата. Двете страни се задоволни од меѓусебната соработка, но решија дека е време за нови предизвици.

Ристова по три сезони пауза го врати Вардар и на европска сцена, а тимот успеа да мине и едно коло во Европскиот Куп.