Капитенот на македонската репрезентација, Кире Лазаров, со неговиот Нант успеа да обезбеди место во групната фаза од ЕХФ Купот, откако само за еден гол беше подобар од норвешкиот Арендал.
Десниот бек по пауза дури од 22 години, кога го запиша првиот европски настап со Пелистер во сезоната 1997/98, ќе заигра во второто по ранг европско натпреварување.
Тогаш битолчани во првото коло ја елиминираа летонската екипа Добеле, додека во второто коло загубија во двата меча од бундеслигашот Фленсбург.
Потоа Лазаров, играше во Купот на победниците на куповите заедно со Пелистер, а со битолчани дебитираше во Лигата на шампионите во сезоната 1998/99.
Без прекин беше дел од елитата во следните сезони со Загреб, Веспрем, Сиудад Реал односно Атлетико Мадрид, Барселона и Нант.