Раководството на Кремс од Австрија преку соопштение информираше дека клубот нема да го одигра реванш дуелот против Војводина во Нови Сад во рамки од третата фаза од Европскиот Куп. На реванш дуелот правдата требаше да ја дели судиската двојка од Македонија – Даниело Божиновски и Виктор Начевски.
За потсетување, на првиот дуел, кој беше одигран на 3 декември во спортската сала во Кремс, навивачите на Војводина направија хаос на трибините, па поради тоа натпреварот беше во прекин од 20 минути и доколку ситуацијата на трибините не се смиреше и доколку навивачите на Војводина не ја напуштеа салата, натпреварот ќе беше регистриран со службен резултат за Кремс.
Веднаш после натпреварот Кремс најави дека ќе достави детален извештај за инцидентот до Европската ракометна федерација (ЕХФ), а од куќата на ракометот дополнително ќе излезат со соопштение.
„Големите нереди, јавното загрозување и провокациите што српските навивачи ги предизвикаа минатата сабота во градот Кремс и во спортската сала ,,Кремс”, со политичка и расистичка позадина, не оставија без друг избор. Со отворени раце ja пречекавме Војводина и нивните навивачи и бевме крајно разочарани. Бевме многу разочарани од фактот што, и покрај прашањата, не бевме информирани или предупредени од претставниците на Војводина, чие патување во Австрија го организираше клубот. Затоа, можеме да претпоставиме дека безбедноста на нашите играчи, тренери и навивачи не можат и нема да бидат обезбедени на гостувањето. Кремс е клуб кој се гордее со обединувањето на сите луѓе, без разлика на етничката припадност. Тоа важи и за нашите играчи со потекло од Србија, Унгарија, Косово, БиХ, Хрватска, Албанија и Словенија. Свесни сме дека оваа одлука е непријатна за сите инволвирани страни и може да има негативни последици за нас како клуб. Во вакви времиња, ние, како европски спортски клуб со над 300 млади играчи, мораме да заземеме јасен став. Кога безбедноста на толку многу навивачи е загрозена, мораме да се спротивставиме на насилството и расизмот. Се надеваме на брза одлука на ЕХФ, како организатор на ова натпреварување и јасна порака против секаков вид насилство и расизам” стои во соопштението на Кремс.
Инцидент на европски натпревар – реагираше полицијата! (ВИДЕО)