Репрезентативката на Данска, Сандра Тофт трета сезона го носи дресот на Брест Бретањ од Франција. Нејзиниот договор со францускиот клуб истекува во јуни, 2023 година.
Искусната голманка не ја исклучува можноста да се врати во Данска, односно во екипата на Есбјерг каде што настапуваше две сезони, 2017/18 и 2018/19. Големите амбиции на Есбјерг, како и ангажирањето на Нора Мерк и Катрин Хеиндал во данскиот тим, можеби ќе бидат одлучувачки за една од најдобрите ракометарки на светот да се пресели во екипата предводена од данскиот селектор, Јеспер Јенсен.
Во интервју за данската телевизија „Спорт ТВ2“, Тофт го пофали големиот проект на Есбјерг и истакна дека доколку го раскине договорот со Брест Бретањ, тогаш Есбјерг ќе биде интересен за нејзината кариера.
„Ако го раскинам договорот со Брест Бретањ, тогаш Есбјерг ќе ми биде доста интересен и возбудлив. Има многу интересни клубови наоколу, но Есбјерг секогаш ми е при срце. Можам да кажам дека не сум постигнала договор со никого и не сум дала никакво ветување. Имам актуелен договор со Брест Бретањ. Поминав две добри години во Есбјерг. Сè уште комуницирам со многу играчи од екипата. Тоа е клуб и тим со кој имам навистина блиски односи. Есбјерг е возбудлив проект, екипата се подобрува од сезона во сезона“, изјави Тофт.
Брест Бретањ пред почетокот на оваа сезона ја извести јавноста дека го намалува својот буџет.
Во Данска се прави и женски дрим-тим, Мерк и Хеиндал потпишаа за Есбјерг