Репрезентацијата на Холандија уште долго ќе го чека вториот настап на Мундијалот, последен пат учествуваше на Светското првенство во 1961 година, откако во реванш натпреварот од бараж двомечот против Португалија доживеа пораз од 28:35.
Првиот натпревар од баражот во Портимао го доби Холандија со три гола разлика, 33:30, но ракометарите на Ерлингур Ричардсон пред својата публика не успеаја во својот поход за мундијалска виза. Португалија учествуваше на минатиот Мундијал во Египет, така што со својот пласман на Светското првенство во Шведска и Полска, ќе се обиде да воспостави еден континуитет на мундијалските собири.
Избраниците на Пауло Переира во првото полувреме ја диктираа играта на терен и предводени од голманот,Густаво Капдевил, кој во првиот дел запиша девет интервенции, на моменти ја имаа посакуваната предност од четири гола. Двајцата лидери во таборот на домаќините, Кеј Смитс и Лук Стеинс, тешко доаѓаа до израз во првото полувреме.
Гостите од Португалија имаа добар старт, поведоа со 0:2 и константно беа во водство. Сите обиди на Холанѓаните за камбек во првиот дел завршуваа без успех. Португалија со сигурна реализација и со разиграниот Виктор Итуриза во 20 минута од натпреварот имаше водство од 9:14. Во завршниот дел од првото полувреме домаќините ја подобрија играта, но на пауза имаа резултатска негатива од минус два, 15:17.
Холандија во второто полувреме, односно во 35 минута, го израмни резултатот на 19:19 откако претходно имаше минус два,17:19. За неколку минути со иста мера возврати и Португалија, која со два гола во низа се одлепи на 19:21. Домаќините никако не можеа да го направат вистинскиот чекор и наместо да дојдат до помала негатива дозволија Португалија да има водство од 24:28 на десет минути пред финишот. До крајот, Португалија ја задржа својата предност и заслужено обезбеди пласман на Светското првенство следната година.
Најефикасен во победничката репрезентација беше Мота Да Коста со осум погодоци. Португалците своја поддршка имаа од двајцата голмани, Густаво Капдевил и Мигел Фереира. Капдевил запиша девет интервенции, сите во првото полувреме, а неговиот колега, Мигел Фереира, во второто полувреме собра седум интервенции. Кај Холандија прв стрелец беше Кеј Смитс со осум гола.