Некогашниот европски великан, тимот на Виборг од Данска ги обезбеди потребните средства за да избегне банкрот. Како што е веќе познато, поранешниот европски шампион имаше финансиски проблеми, односно голем буџетски дефицит.
Виборг пред извесен период објави дека му се потребни 3,5 милиони дански круни (455 илјади долари), со цел да избегне банкрот и клубот да продолжи да функционира и да се натпреварува во најквалитетното првенство во Данска.
Раководството на клубот успеа за краток временски период да ги собери потребните средства, така што клубот ќе опстојува и во остатокот од оваа сезона. Пред неколку месеци банкрот во Данска прогласија екипите на Рандерс и Ајакс Копенхаген.
Ракометарката на Куманово, Наташа Нолевска во сезона 2017/18 го носеше дресот на Виборг. Во клубот од Данска настапуваа голем број на ѕвезди од типот на Бојана Поповиќ, Маја Савиќ, Ања Алтхаус, Катрин Лунде, Грит Јурак, Изабел Гулден, Линеа Торстенсон…
Клубот три сезони ја освојуваше Лигата на шампионите, 2005/06, 2008/09 и 2009/10. Освен трофеите во елитното натпреварување, тимот на Виборг го освојуваше првото место и во другите европски натпреварувања.