Поранешен репрезентативец ќе биде селектор на жените на ЕП на ракомет на плажа

На следното ЕП на ракомет на плажа на крајот на мај Македонија ќе ја предводи нов селектор. Досегашниот „вечен селектор“ Сашо Србиноски од Струга ќе биде заменет со негов сограѓанин. На селекторската клупа треба да седне Златко Мојсоски кој е актуелен член на тимот н Бутел, а во минатото повеќепати бил дел од репрезентацијата на Македонија кога настапувала на натпревари на ракомет на плажа.

Наскоро Управниот одбор на РФМ би требало да го верификува нашето учество на ЕП, и да ја потврди „екипата“ што ќе се обиде со неколку денови тренинзи да не претстави достојно во Португалија. ЕП во ракомет на плажа е планирано од 24 до 28 мај. Тоа треба да почне само три дена откако ќе заврши регуларниот дел од сезоната во женското првенство.

Токму од клубовите во женската лига ќе се бараат и идните репрезентативки, и ќе има неколку тренинзи за тие да можат да се воиграат и да ги совладаат правилата. Ракометот на плажа се игра на песок, и со слични, а сепак многу различни правила.

Засега единствено место каде ракометарките би можеле да тренираат и да се запознаат со правилата е игралиштето што е покрај кејот на Вардар. Дали и кога ќе тренираат, ќе зависи првенствено од временските услови.

Екипите од женското првенство веќе биле контактирани и побарано да дадат свои предлози за играчи кои ќе може да играат на песок. Можно е дури и да се менува календарот на првенството, па некое коло да се одигра предвреме, особено ако шампионот е познат однапред. Така би се добило време „колку – толку“ да се направи некој тренинг.

Ракометната федерација на Македонија (РФМ) ја прифати понудата од ЕХФ за учество на женската репрезентација на претстојното Европско првенство во ракомет на плажа, кое ќе се одржи во Португалија.
По откажувањето на селекцијата на Турција од ЕП во женска конкуренција, како и одбиените покани од Чешка и Швајцарија, следна на ранкингот беше токму Македонија.

Македонија ќе игра во група заедно со репрезентациите на Холандија, Украина и домашната селекција.

Македонија своевремено имаше и машка и женска репрезентација во ракомет на плажа, играше на ЕП и на СП, беше во конкуренција за висок пласман, а последниот обид за успешно враќање во овој спорт не беше баш успешен.

Во 2019 игравме на ЕП во Катовице, во двете конкуренции, но немавме забележителен настап и амбициите одново спласнаа. Претходно бевме дел од ЕП 2011, во Умаг каде што мажите го освоија последното место, а девојките беа на 10. позиција. Зад себе Македонија има настап и на првенствата во Турција, Италија и Шпанија.

 

Македонија ќе игра на ЕП на песок, ама нема ниту играчи, терен, лига, клубови…