Поранешен ракометар на Куманово го презеде Раднички Крагуевац

Суперлигашот од Србија, Раднички Крагуевац го реши тренерското прашање, откако успеа да склучи договор со прославениот српски ракометар, Жикица Милосављевиќ, некогашен ракометар на Куманово и поранешен репрезентативец на Југославија, односно Србија.

Тимот од Крагуевац го напушти довчерашниот тренер, Веселин Вуковиќ поради приватни причини, а до пред извесен период се шпекулираше дека кормилото на тимот ќе го преземе селекторот на машката младинска репрезентација на Србија, Ѓорѓе Теодоровиќ.

Сепак, меѓу Раднички Крагуевац и Теодоровиќ не дојде до соработка, па така управата на клубот реши да го ангажира искусниот Милосављевиќ, кој во својата тренерска кариера ги предводеше и екипите на Јабука, Коњух Живинице, Локомотива Брчко и Црвена Звезда.

Милосављевиќ, моментално, работи и како асистент во сениорската репрезентација на Србија, која е предводена од Тони Херона. Освен за Куманово, 50-годишниот српски стручњак во својата играчка кариера настапуваше и за Металопластика, Целје, Црвена Звезда, Ваљадолид, Динамо Панчево, Босна Сараево…