Денеска во седиштето на Европската ракометна федерација беа извлечени двојките за второто квалификациско коло од машката Лига на Европа, како и двојките за второто коло од машкиот Европски Куп.
Како што е веќе познато, екипата на Бутел Скопје во второто квалификациско коло во Лига на Европа за противник го доби австрискиот вицепрвак Алпла Хард. Покрај натпреварот на Бутел, за македонската јавност ќе биде интересен и двомечот на швајцарскиот тим Амичитија Цирих каде што игра Мартин Поповски и шпанскиот тим Бенидорм.
Тимот од Швајцарија има голема шанса да направи поволен резултат против составот на Бенидорм и да обезбеди настап во групната фаза во Лига на Европа, во која директно место има обезбедено македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер. Амичитија Цирих во првото квалификациско коло го елиминираше амбициозниот тим од Полска, Горњик Забже.
Двата бундеслигаши Гепинген и Лемго ќе се сретнат во второто квалификациско коло, а победникот од овој дуел ќе обезбеди пласман во групната фаза во Лига на Европа. Дерби во второто квалификациско коло ќе се игра и меѓу скандинавските екипи, Кристијанштад од Шведска и Скандерборг Архус од Данска.
Првите натпревари се на 27 август, а реваншите една недела подоцна, односно на 4 октомври.