Валчак: Не се распрашував и не замислував како е во Вардар, сакав лично да се уверам!

Едно од новите засилувања за Вардар е полскиот репрезентативен кружен напаѓач Патрик Валчак, кој од Германија се пресели во Македонија. Потекнува од Гдањск, играше најдолго за Погон Шчечин, а една година беше член за Келце. На интернационална сцена играше за францускиот Маси и германскиот Либек, од каде доаѓа во европскиот првак Вардар.

Со Келце една сезона играше во Лигата на шампионите, а по три години се враќа во елитното натпреварување.

„Моите први импресии од Скопје одлични. Станува збор за многу убав град, а перфектното време го комплетира впечатокот. Среќен сум што ќе живеам во вакво место следните две години“, вели Валчак за 24Ракомет.

Вардар е третиот странски клуб за кој ќе игра кружниот напаѓач, кој одлично се снаоѓа во двата правци.

„За менаџментот на клубот имам само пофални зборови. Од стартот работат перфектно. Кога дојдов се беше веќе подготвено и немав за што да се грижам, немаше никакви проблеми и се изгледа многу професионално. Тимот е како семејство, а тоа многу ми се допаѓа. Уште од првиот ден тоа го видов и го почувствував. Пред да дојдам не сакав да си замислувам како е во Вардар и да се распрашувам, сакав сам да се уверам во тоа“, продолжува Валчак.

Тој е десетина дена во Скопје и успеал да види неколку места во градот.

„Ние сме се уште на стартот на подготовките, па немаше многу време за прошетки, иако имавме нешто организирано од клубот. Веќе бев на плоштадот Македонија, таму е прекрасно! Охрид сум го гледал само на слики и се надевам дека наскоро ќе го посетам. Овде за разлика од Германија, луѓето изгледаат многу среќни, можеби поради сонцето, времето е одлично секој ден. Наскоро многу повеќе ќе ја запознаам македонската култура“, вели Валчак.

Новата сезона во Лигата на шампионите би требало да започне во септември, но се уште не е јасно дали ќе има гледачи на трибините.

„За Вардар е најважно да победува на секој следен натпревар. Јас ќе се потрудам да го дадам најдоброто од себе и на тренинг и на натпреварите. Ќе покажам дека сум му потребен на тимот и дека можам да помогнам. Навивачите се важен дел од нашиот тим. Нема секој шанса да игра во тим со навивачи како овие на Вардар. Со таков „допинг“ не може да не играш добро“, завршува Валчак.

Тој ќе биде еден од кружните напаѓачи со капитенот Столе Стоилов, Глеб Калараш, кои ќе бидат поддржани од Стефан Атанасовски и Давид Гашовски.