Познато е кога Еурофарм Пелистер ќе ја добие титулата, битолчани канат на спектакуларно славје

Новиот шампион на Македонија, Еурофарм Пелистер, во сабота ќе го одигра последниот натпревар за оваа сезона, во која по речиси 18 години успеа да дојде до зацртаната цел.

Пелистерци во последното коло од суперлигашкиот плеј-оф ќе играат против тимот на Тиквеш. Овој натпревар ниту за двете екипи нема да има резултатско значење, па така сите присутни во спортската сала ,,Боро Чурлевски” ќе уживаат во добар ракомет.

Билетите за натпреварот со Тиквеш ќе се продаваат почнувајќи од петок, 26 мај, од 15:00 часот на повеќе пунктови пред спортската сала „Боро Чурлевски“.

Во билетот, по цена од 250 денари, ќе биде вклучена и зелена шампионска маичка, која ќе се добива при купувањето на секој билет. Носителите на сезонски билети на посебен пункт пред салата од петок 15:00 часот бесплатно ќе може да ја подигнат шампионската маичка.

По завршувањето на натпреварот, од 20:00 часот на плоштадот Магнолија во Битола ќе започне централната прослава за сите битолчани, во која е предвидена богата забавна, музичка и спортска програма. Деталите околу ракометниот хепенинг ќе бидат објавени на денот на натпреварот.