Во текот на вчерашниот ден се одиграа завршните натпревари на Европското првенство и Купот на Африканските Нации, завчера финишираше првенството на Централна и Јужна Америка, а денеска завршува и Азиското првенство.
По овие големи натпреварувања, кои беа квалификациски за Мундијалот во Египет во 2021 година, познати се поголем број од учесниците.
Домаќинот Египет, светскиот првак Данска, трите најдобри од ЕП – Хрватска, Норвешка и Шпанија, потоа шесте најдобри од Африка исклучувајќи го шампионот Египет – Алжир, Ангола, Мароко, Тунис и дебитантите Капе Верде и Конго.
Од Јужна и Централна Америка на Мундијалот во Египет ќе играат Бразил, Аргентина, и дебитантот Уругвај, додека од Азија на СП ќе патуваат Бахреин, Катар, Јапонија и Јужна Кореја. Последниот четврти претставник од Јужна и Централна Америка ќе се добие на квалификациски турнир во јуни на кој главен фаворит ќе биде Чиле со оглед на конкуренцијата.
Останува уште шампионот од Северна Америка кој ќе го дознаеме на 5 април, како и десетте учесници од европскиот континент што ќе бидат познати по баражите во јуни. За Светската ракометна федерација ќе остане да подели уште две вајлд-карти, а тие учесници ќе ја комплетираат листата од 32 селекции на најголемиот Мундијал досега во историјата.
Тој ќе биде на програмата од 14 до 31 јануари следната година во четири града во Египет – Каиро, Хургада, Шарм Ел Шеик и Суез.