Со поразот од 28-33 од Тунис во „Купот на претседателот“, репрезентацијата на Македонија веројатно нема да може да смета на освојување на оваа „утешна награда“. Останува уште дуелот со Мароко, но беше важно да се победи денеска. Ова беше четврти пораз за Македонија на ова СП, по трите во групната фаза.
На денешниот натпревар со Тунис во составот на македонската репрезентација беше кружниот напаѓач Костадин Петров, кој одигра нешто помалку од седум минути. Нијанси решаваа, но Тунис тргна добро и таа почетна предност беше решавачка. Македонија имаше шанса да го сврти целосно резултатот, ама на крајот падна концетрацијата.
,,Мислам дека тие први десет минути кои се најбитни на еден меч, ги отворивме лошо, но после тие десет минути успеавме да се вратиме, направиме и ротации, имавме свежина во првиот дел, во вториот дел и поведовме, но сепак ни падна таа концентрација, имаше желба да се победи во овој меч, на крај ни попушти концентрацијата, се случи тоа што се случи”, изјави Петров.
Нашиот интернационалец од Исланд смета дека и покрај лошото издание на Македонија, претстои светла иднина за младата македонска генерација.
,,Со оглед на тоа дека имаме осум дебитанти, сигурно дека недостасува големо искуство, времето е пред нас, времето е пред овие деца, ништо не се прави преку ноќ, останува уште многу да се работи и сите сериозно понатаму да си ја сфатиме работата и во иднина да се радуваме на поголеми успеси. Треба да се има трпение со помладите играчи, никој преку ноќ не станал добар играч или направил добар успех. Сметам дека треба да се има трпение, бидејќи младите на Медитерснските игри покажа многу, покажаа и на квалификациите, но треба уште да созреваат, треба и ние како поискусни да созреваме и да работиме, доколку сакаме сите заеднички да правиме многу успеси”, додаде Петров.
Следен ривал на Македонија во Президент Купот ќе биде репрезентацијата на Мароко.
,,За секој меч се подготвуваме добро, со оглед на тоа дека имавме одлични подготовки, одлични пријателски натпревари со Хрватска, Израел и Црна Гора. Одиме да победиме со Мароко, тоа ќе биде еден меч плус за нови искуства на тие помлади играчи, па и за нас”, заврши Петров.
Натпреварот меѓу Македонија и Мароко ќе се одигра на 23 јануари со почеток од 18:00 часот.