Еурофарм Пелистер 2 е најблиску до последното место во плеј-офот, бидејќи сам одлучува за својата судбина.
Ако освои најмалку бод на гостувањето во Прилеп, ќе стане втората битолска екипа во разигрувањето за титулата.
Средниот бек Дарио Петровски очекува цврст и борбен дуел во Прилеп.
„Иако сме три екипи во игра за тоа трето место и пласман во плеј-офот, се зависи од нас. И фала му на Бога што е така, оти сами си ја кроиме судбината, не зависиме од никој, туку од самите себе. Во Прилеп очекувам цврст и борбен дуел, не се сомневам дека ќе биде така во текот на целиот натпревар. Рецептот за победа е едноставен – треба да бидеме поборбени во одбраната и поангажирани во нападот“, вели Петровски за 24Ракомет.
Во Битола, младите пелистерци победија релативно лесно против Прилеп, но Петровски предупредува дека треба да се внимава посебно на искусниот Чантурија.
„Па одигравме едно одлично полувреме во Битола по кое имавме шест голови разлика и кое се покажа за клучно околу конечниот исход на натпреварот со Прилеп, но сега сигурно нема да биде лесно. Најголемата опасност кон нашиот гол секако дека е искусниот Чантурија, тој игра во одлична форма на претходните натпревари“, продолжува Петровски.
Ако Еурофарм Пелистер 2 освои барем бод кај Прилеп, сигурно е во плеј-оф, па ќе има две битолски екипи во разигрувањето за титулата.
„Секако дека ова е голема шанса за еден клуб да има две екипи во разигрување за титула и за место во европските купови, но зошто и да не биде така? Редно време е ракометните погледи повторно да се насочат кон Битола“, заврши Петровски.
Натпреварот меѓу Прилеп и Еурофарм Пелистер 2 се игра утревечер во салата „Р.Р. Ричко“ со почеток во 17:00 часот.
Возбудувањата продолжуваат: Плеј-оф местото ќе трепка до последна секунда