Репрезентацијата на Македонија го освои 27 место на Светското првенство во Полска и Шведска, откако во дуелот против Јужна Кореја триумфираше со три гола разлика, 36:33.
Одличен натпревар денес одигра Петар Атанасијевиќ, кој одлично се справуваше со брзите ракометари од Јужна Кореја и истакна дека со настапите на Мундијалот собра драгоцено искуство за во иднина.
,,Натпреварот го видов многу тежок, селекцијата на Јужна Кореја станува добра екипа и во азискиот шампионат има добри екипи, играат брз и модерен ракомет, беше тешко, но квалитетот си го направи своето. Во денешно време сите екипи практикуваат модерен ракомет, го бараат трчањето, брз центар, крилото да истрча во контра, тоа ми одговара, мора да се прилагодиш, доколку не се прилагодиш, не си направил ништо. Со настапот на Мундијалот се чувствувам повеќе искусен. Играчите ми даваат мотивација за да се покажам во најдоброто светло, селекторот доколку ми даде шанса, како што ми даде на последните натпревари, јас максимално ќе ја искористам и мислам дека ја искористив”, изјави Атанасијевиќ за 24Ракомет.
Македонија во групната фаза на Мундијалот беше во група со селекциите на Норвешка, Холандија и Аргентина. Во натпреварите од групите од Президент Купот, Македонија оствари две победи, против Алжир и Мароко, додека во дуелот со Тунис доживеа пораз.