Еурофарм Пелистер игра одлично оваа сезона, битолскиот состав обезбеди место и во осминафиналето од Лигата на Европа, еден од најважните играчи на пелистерци секако е средниот бек Јосип Периќ.
Периќ беше избран и за спортист на годината во 2021 година во Битола, а сега во разговор за босанските медиуми помеѓу другото зборуваше и за ситуацијата во македонскиот ракомет.
„Навистина имавме добри резултати во Европа и во домашните натпреварувања, последниот месец имавме некои проблеми со повреди, неверојатно е што во секој натпревар ни недостасуваат пет или четири играчи. И тоа станува збор за играчи кои имаат навистина голема минутажа и сериозна улога во тимот. Но, повторно резултатите одат според планот“.
Плеј-офот во македонското првенство веќе започна, а јасно е дека Е.Пелистер со Вардар се главните фаворити за трофејот. Според Периќ Еурофарм Пелистер никогаш не бил поблиску до нивото на Вардар.
„Амбициите се навистина големи, никогаш не сме биле поблиску до Вардар кој има одлична екипа. Вардар има блага предност поради бодот повеќе во регуларниот дел и тоа сигурно многу им значи. За титула потребна ни е победа во Скопје и на домашен терен со услов да победиме и на сите останати натпревари. Не е невозможно, но ќе биде многу тешко“.
Во Битола чувствува голема поддршка.
„Навистина луѓето тука се вклучени во ракометот живеат за овој спорт. Целиот град живна поради нашите резултати оваа сезона. Поддршката која ја добиваме е нешто кое претходно не сум го доживеал во кариерата. Атмосферата е неверојатно, тоа не може да се опише мора да се доживее. Не знам како изгледа на телевизија, но во живо е спектакл“, изјави Периќ.
Ќе потсетиме, Периќ ја игра последната сезона во Еурофарм Пелистер затоа што во наредната ќе го носи дресот на Татабања каде што настапуваше во сезоната 2014/2015.