Лигата на шампионите во машка и женска конкуренција се игра со голем број на одложени натпревари, но тие не се најголемите проблеми за ЕХФ.
Европската куќа на ракометот се соочува со голем број на откази од екипите што веќе добија место во европските купови. Во машкото издание на ЕХФ Купот дури осум екипи се откажаа од настап, а главната причина се или неможноста да се патува во корона-време или строгите правила на дел од европските власти.
Станува збор за финските ХИФК и БК-46, швајцарскиот Сент Гален, молдавскиот Тираспол, исландскиот Афтурелдинг, грчкиот Диомидис Аргус, чешката Карвина и италијанскиот Касано Мањано. Нивните ривали – летонскиот Тенакс, естонскиот Талин, чешкиот Зубри, рускиот Саратов, литванскиот Гранитас Каунас, турската Анталија, како и австриските тимови Ферлах и Вест Виен, без борба со две службени победи обезбедија пласман во третото коло од ЕХФ Купот.
Во женското издание на овој куп, во следната рунда без борба патуваат српската Наиса Ниш, шпанскиот Атлетико Гуардес и италијанскиот Салерно, откако нивните ривали – азербејџанскиот Азераил Баку, швајцарскиот Цуг и исландскиот КА/Пор се откажаа од настап.
Без проблеми не минува ни второто по ранг натпреварување, Лигата на Европа. Таму директно место во групите обезбедија полската Перла Лублин, руските Кубан и Астраханочка, откако нивните противници од Норвешка, Бјасен и Молде, како и германскиот Мецинген, се откажаа поради строгите ковид-правила во нивната земја и сложените патувања.