Освои две европски титули со Вардар и заврши во Пролет: Ново засилување пристигнува во „Македонско сонце“!

Поранешниот македонски репрезентативец и ракометар кој со Вардар освои две европски титули, Мартин Поповски е ново име во таборот на Пролет. Откако не успеа да обезбеди соодветен ангажман во странство, 25 годишниот Поповски се одлучи да потпише договор со скопскиот клуб, кој оваа сезона ќе настапува во македонската Суперлига.

„Мартин тренираше со тимот, му излеговме во пресрет по заминувањето од Вардар, а потоа и лесно се договоривме за соработка. Договорот е тој да остане во Тинекс Пролет до крајот на сезонава, освен доколку во меѓувреме не добие примамлива понуда од странство“ – изјави директорот на Пролет, Сашо Огњеновски за клупскиот сајт.

Мартин Поповски заедно со Чупиќ и Шишкарев делеше минутажа на десната крилна позиција во регионалното натпреварување и домашното првенство, додека го носеше црвено-црниот дрес. Со својата игра се наметна како опција кај тогашниот селектор на Македонија, Раул Гонзалез. Ќе биде огромна помош на скопскиот клуб, кој оваа сезона не беше многу активен на трансфер пазарот, а го загуби и најдобриот ракометар во ланскиот состав, Мартин Манасков кој замина во Охрид. Оваа година амбициите на клубот не се на исто ниво како претходните сезони, а покрај Поповски од Пролет се надеваат на уште едно звучно засилување на левата бековска позиција во името на Дарко Георгиевски кој е во слична ситуација со Поповски.

Поповски ќе биде во комбинација за настап веќе на премиерниот натпревар од новата сезона, што ќе се одигра утре во Скопје против тимот на Охрид (19 часот).