Обрван: Некои се недокажани играчи, а веќе се ѕвезди и со интервјуа како да освоиле половина од тоа на Лазаров или Манасков

Поранешниот селектор на машката сениорска репрезентација на Македонија, Ивица Обрван вели дека проблемот со македонската репрезентација е што немаме голема база на играчи, а од друга страна некои играчи веќе се „летнати во облаци“.

„Некои играчи се уште не се докажани на вистински начин, а веќе се ѕвезди и даваат интервјуа како зад себе да имаат половина од тоа што освоил Кире Лазаров или Пепи Манасков. Играчи кои имаат пред себе многу простор за напредок се Талески и Кузмановски кои во Германија не се профилираа во неколку клубови и се бараат себе сè уште. Двајцата како бекови би требало да бидат носистели на новата меѓу-генерација и носители на македонскиот ракомет кога ќе дојде конечно до заминување на играчите кои сега го носат главниот товар, вели Обрван во разговорот за 24ракомет.

Тој смета дека „Треба да има еден взаемен микс помеѓу медиумите и играчите кои мора да бидат цврсто на земјата и да знаат дека секој ден е ново докажување. Доколку некој ви вели дека сте најдобри и најубави тоа не мора да значи дека е така, туку секој ден треба да се докажувате за да бидат она што сакаат да бидат. Гледам дека Талески бара нов клуб, а за селекторот кога некои од главните играчи не играат стандардно е голем проблем и за десет дена тренинзи тешко е да се надомести. Но на жалост на крајот никој нема да го гледа тоа со какви проблеми сте се соочиле туку каков резултат сте оствариле на првенството или квалификациите, смета Обрван.

Со поранешниот селектор разговаравме и за двете шанси да седне на клупата на Металург, за можноста да дојде во Еурофарм, за сегашниот селектор Данило Брестовац, за Вардар, подготвеноста да биде селектор на Хрватска.