Од четврта лига за четири години стигна до репрезентација

Пред четири години тој играше во четвртата лига на Шведска, а на квалификацискиот дуел против Косово, Касем Авад дебитираше во шведскиот репрезентативен дрес.

Шведска лесно стигна до победа против Косово со 30:16, но најголемото внимание беше посветено на дебито на Авад, 25 годишниот ракометар го постигна и својот прв гол во националната селекција во која стигна од четврта лига за помалку од четири години.

Авад во 2016 година го напушти Никопинг и се пресели во Малме за да се посвети на студиите за биомедицински аналитичар. После неколку месеци тој повторно беше на тренинг со вториот тим на Малме, а за кратко време стигна и до првата екипа.

Брзиот развој како одбранбен играч беше главна причина ракометарот на Малме да биде повикан во репрезентацијата на Шведска. Првиот пат кога беше повикан натпреварите се одложија заради коронавирусот и пропадна неговото деби, но на последните квалификациски дуели сепак Касем Авад дебитираше за својата репрезентација.

„Сè се одвиваше многу брзо и не ни мислев дека вака ќе се случи. Најпрво бев многу среќен кога бев повикан во репрезентацијата, но не размислував за дебито откако натпреварите беа откажани. Самото тоа што влегов во игра беше многу забавно. Најпрекрасното нешто што сум доживеал во животот, исто така беше убаво чувство да ги почувствувам ентузијазмот и радоста на другите во тимот“, рече Авад за „Афтонблагдет“.