Иако од ракометниот клуб Охрид сметаат дека Стефан Додиќ официјално е нивни играч, сепак од клубот од Автокоманда тврдат спротивно.
Сега топката е префрлена во Ракометната федерација на Македонија, која треба да пресече – чиј играч е српскиот репрезентативец?
„Официјално, немаме добиено никаква информација од РФМ за Стефан Додиќ за трансферот, кој не е возможен. Стефан Додиќ е регистриран со лиценца за Металург на 4 години, 3 години се плаќа лиценца на РФМ од 1000 евра, не знам што се сменило годинава? Со целосно исполнети услови во договор. Ако е сепак регистриран за друг клуб, тоа е преседан, без исписница, без регулирани односи. Тоа значи дека никој не е заштитен и никој не е сигурен и со важечки договор. Точно е, клубот се соочува со проблеми кои се влечат со години, но секојдневно се работи на нивно решавање. Вакви потези никому не помагаат, баш напротив, му наштетуваат на клубот. Ќе ја почекаме одлуката на РФМ за случајот Додиќ, доколку е вистина тоа што тврдат од Охрид, ќе го продолжиме случајот на суд и ќе побараме помош од ЕХФ. Стефан Додиќ е последен кој треба да влезе во вакви игри, после се што направи Металург за него и се што му овозможи. Истото го потврди самиот тој во последната изјава за медиумите . Што се случи еден месец подоцна, не ми е јасно“, вели претседателката на Металург, Зорица Блажевска.
Охрид утре ќе се сретне со тимот на Тиквеш во првото коло од Суперлигата и смета на услугите на Додиќ за тој натпревар, додека натпреварот на Металург против Пролет е одложен.
Охрид добива огромно засилување – со екипата тренира Стефан Додиќ