Иако на последниот состанок на Управниот Одбор на Ракометната федерација на Македонија беше најавено дека некогашниот шампион Борец нема да игра во новата сезона од Првата лига, од Велес има демант.
Претседателот на Борец Велес, Душко Крстевски за порталот „Ти реков ми рече“, вели дека ќе настапуваат во прволигашката конкуренција со млади ракометари.
„Екипата ќе настапува следната сезона во Првата лига. Составот ќе биде изменет и ќе играме со подмлади ракометари. Целта е опстанок“, изјави Крстевски.
Борец 1950 е наследник на клубот кој во 1995 стана првак на Македонија, а година претходно го освои и трофејот во Купот.
Засега не е познат конечниот број на екипи што ќе играат во прволигашката конкуренција во новата сезона, па затоа и стартот беше одложен за една недела. Конечната бројка, системот на натпреварување, натпреварувачки броеви и распоредот ќе бидат познати кон крајот на неделата.