Од Автокоманда назад во Португалија

Левото крило од Португалија, Улисес Рибеиро на почетокот на оваа сезона беше едно од новите засилувања во поранешниот шампион на Македонија, Металург. Иако имаше потпишано двегодишен договор со Металург, тој реши на крајот од есенскиот дел од сезоната да си замине од клубот и да се врати во својата татковина.

Рибеиро во продолжението од сезоната ќе настапува за суперлигашот од Португалија, Спортинг Хорта. Станува збор за екипа која моментално се наоѓа на 13. позиција на табелата, но има големи шанси да избори пласман меѓу најдобрите осум екипи во најквалитетното натпреварување во Португалија.

Екс ракометарот на Металург заедно со неговите нови колеги ќе се обидат да постигнат подобри резултати во вториот дел на оваа сезона. Рибеиро најголемиот дел од својата кариера ја мина во Сао Бернардо. По 21 година во клубот, од кои седум како сениорски играч, левото крило во 2018 година се пресели во Мадеира, каде што играше две сезони.

Во 2020 го направи својот прв интернационален предизвик и потпиша за холандската екипа Хари Ап. Од холандскиот клуб пристигна во Металург, но не остана многу долго. Тој во дресот на Металург постигна 34 погодоци.