Екипата на Војводина на денешното гостување во Битола беше поразена од Еурофарм Пелистер со 30:25 во натпревар од регионалната СЕХА лига.
Сепак, српскиот шампион е задоволен од прикажаната игра против македонскиот вицепрвак, бидејќи настапи со младински состав.
Тренерот на Војводина, Драган Кукиќ имаше позитивни комплименти за неговите избраници, кои во најголемиот дел од натпреварот беа повеќе од рамноправен противник.
,,Ние игравме со млад тим, дел од играчите се од генерацијата 2005,2006 и 2007 година. Игравме против еден силен тим како што е Еурофарм Пелисер. Нашата цел оваа сезона е домашниот шампионат и сме максимално фокусирана на таа цел.Горд сум на овие млади играчи, а верувам дека некои од нив ќе го најдат своето место во ростерот и против Нексе”, изјави Кукиќ.
Истото мислење го подели и Александар Куртеш, единствениот сениорски ракометар кој допатува во Битола.
,,По два дена дружење со сите овие млади играчи, морам да кажам дека се чувствувам уште помлад. Да се натпреварувам вака против Еурофарм Пелистер, морам да бидам горд на моите соиграчи. Ќе продолжиме да работиме и да се подобруваме во иднина”, изјави Куртеш.