Нов ракометар на тренинзите на Вардар (ФОТО)

Ракометарите на Вардар во саботата ги започнаа подготовките за новата сезона со тренинг на отворено, а денеска беа и во вежбалница. Сите најавени засилувања беа на првата прозивка, а се појави и еден млад ракометар, Давид Савревски.

Станува збор за десен бек, кој потекнува од тимот на Илинден, а веќе шест години е дел од „црвено-црното“ семејство. Има 18 години, висок е 2 метри, добар дефанзивец и интелигентен играч во нападот, а игра за кадетската и младинската репрезентација.

Беше меѓу најдобрите во генерацијата што ја водеа Андријана Будимир и Аце Станковски, и настапуваше во сите младински категории за Вардар. Лани под водство на Роберто Гарсија Парондо дебитираше и во првиот тим во плеј-оф дуелот против Пролет.

Со Савревски, Вардар сега има четири десни бека. Тука се искусниот Марко Вујин, како и Томислав Јагуриновски и Јосип Векиќ.